Ашаданов го скрати списокот, кошаркарките ги започнаа подготовките за Украина и Португалија

Македонската женска кошаркарска репрезентација ги започна мини-подготовките за продолжението во квалификациите за Европското првенство. Нашите девојки во овој прозорец ќе одиграат два натпревари на домашен терен, а противници ќе им бидат Украина и Португалија

Селекторот Александар Ашаданов на списокот има 12 кошаркарки, од кои 10 веќе се ставија на располагање и присуствуваа на првиот тренинг. Во салата СРЦ „Кале“ присуствуваше и Матеја Николиќ, која има повреда на коленото, па затоа ќе мора да замине на дополнителни лекарски прегледи. 

„Очекувам на следниот тренинг да бидеме комплетни и да ги имаме сите 12 кошаркарки. Елена Тасевска имаше обврски на својот факултет, додека Александра Стојановска ќе ни се приклучи подоцна поради транспортните конекции.

И овој циклус нема да е различен од претходните, а ние ќе се обидеме да оствариме позитивни резултати против следните ривали. Со Украина не сме играле многу одамна, а за Португалија имаме малку повеќе информации.

Целта останува иста, а таа е да стигнеме до некоја победа во овие квалификации“, изјави селекторот. 

Македонија најпрво ќе се соочи со Украина на 7 номеври, а со селекцијата на Португалија ќе се сретнеме три дена подоцна. Двата меча ќе се одиграат во СРЦ „Кале“, со почеток во 18:00 часот.