Ашаданов: Да ги поддржиме новите кошаркарки, тие се иднината на Македонија!

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија е пред вториот квалификациски ФИБА „прозорец“, по кој ќе биде познато кои три селекции ќе преминат во следната фаза за учество на Евробаскет во 2027 година. 

Во период од само седум дена, нашите најдобри кошаркарки ќе одиграат уште три средби квалификациската група Ф, а силите ќе ги одмериме со Данска, Грција и Хрватска. Најпрво гостуваме во Копенхаген нa 11 март, три дена подоцна играме со Грција во Солун, а на 17 март ја пречекуваме Хрватска на домашен терен. 

Селекторот Александар Ашаданов ги изнесе своите очекувања за натпреварите и побара максимална поддршка за нашите репрезентативки. 

„Следува вториот дел од квалификацискиот циклус за Европското првенство. Повторно играме со трите исти репрезентации, само по обратен редослед. Односно гостување кај екипите на Данска и на Грција, и на домашен терен играме со Хрватска.

За разлика од претходниот циклус, ова е нешто ново за нас, или нешто што е сменето е нашиот состав, кој што е далеку подмладен за разлика од претходниот. Некои од возрасните кошаркарки се веќе откажани, што значи дека веќе нема да бидат на располагање. 

Затоа имаме една млада репрезентација, која пред себе треба да покаже желба, треба да го покаже тоа што го знае и да започне нешто што треба да се гради во наредните години“, изјави селекторот. 

Македонија успеа да оствари една победа и впиша два порази во првиот дел од квалификациите. Сите во нашиот табор посакуваат нови успешни резултати во квалификациите за Европското првенство.