Аргентина преку Нигерија стигна до втора фаза на СП

Аргентина

Фаворитот во групата Б, Аргентина, запиша втора победа и обезбеди пласман во втората фаза на Светското првенство во Кина. Јужноамериканците денес ја победија Нигерија (81-94) и со две победи се искачија на врвот на табелата.

„Гаучосите“ први го зададоа ударот и направија двоцифрена разлика по првите десет минути, но потоа неочекувано се опуштија и му дозволија на противникот да се избори за нерешен резултат на полувреме.

Клучната разлика Аргентинците ја остварија во третиот квартал кога се разигра Луис Скола. Нигериската репрезентација направи јалови обиди да се врати во игра, но не успеа и сега ќе мора да ја победи Република Кореја во последното коло за да се надева на продолжение на престојот во Кина.

Скола со 23 и Гарино со 17 поени беа најдобри стрелци кај победникот. Меѓу нигериските кошаркари најефикасен беше Окоџи со 18 поени.

Во истиот термин, Тунис го надигра Иран (79-67) и стигна до прва победа на Мундобаскетот.