Аренас: Јокиќ нема да стане суперѕвезда, нема харизма

Поранешниот американски кошаркар Гилберт Аренас изјави дека асот на Денвер, Никола Јокиќ нема доволно харизма и додаде дека српскиот репрезентативец нема да стане суперѕвезда.

Во претходните две сезони, Јокиќ беше прогласен за најкорисен играч (МВП) во регуларниот дел од сезоната во НБА, а оваа за првпат ќе игра финале во најсилното кошаркарко натпреварување во светот.

„Јокиќ може да ја освои оваа лига, но никој нема да се грижи за тоа. Да бидеме искрени. Жал ми е, но Јокиќ нема да стане суперѕвезда. Не прави ништо што децата сакаат да видат. Тоа се играчите, можете да ја видите нивната личност. Јокиќ е одличен, но не е атрактивен“, рече Аренас во подкастот на Џеј Џеј Редик.

Во финалето на НБА, Денвер ќе игра со подобриот од дуелот помеѓу Мајами и Бостон. Мајами води со 3-1 во финалето на Источната конференција на НБА лигата, а следниот натпревар е закажан во Бостон.