Антоан: Верувам во Пелистер, со висок ритам 40 минути до триумф над Работнички

Репрезентативната пауза заврши, а кошаркарите на Пелистер денес се враќаат на обврските во домашниот шампионат.

Следен предизвик за „зелено-белите“ ќе биде гостување кај Работнички, во кое избраниците на Александар Петровиќ влегуваат максимално мотивирани, експресно да се вратат на победнички патеки по изненадувачкиот пораз од Шкупи во последната рунда пред паузата.

Брајан Антоан пристигна во Битола летово и се наметна како еден од лидерите на Пелистер, а одличниот бек верува дека „зелено-белите“ можат да стигнат до позитивен резултат на вечерашната дерби-пресметка во Скопје.

„Неколку месеци сум во Битола, веднаш ми стана јасно дека ова е одличен клуб, од играчи, тренери, до луѓето од управата… Искрено верувам дека можеме да оствариме буквално се, но неопходно за тоа е да даваме се од себе на секој тренинг и натпревар. Освојувањето на трофеј е цел поставена пред Пелистер, се што треба да направиме е да работиме заедно и да го следиме она што го бара тренерот од нас.

Играме против квалитетен противник што го почитуваме, но она што ќе биде најважно е ние да се прикажеме во најдобро светло. Мораме да одиграме во висок ритам во текот на сите 40 минути, да не отстапуваме без оглед каков ќе биде моментниот резултат на семафорот. Она што мора да се направи е да останеме сите заедно и да играме онака како што ја почнавме сезонава, резултатите ќе дојдат“, изјави Американецот за денешниот дуел со Работнички.

Дербито на колото во Првата кошаркарска лига се игра вечерва со почеток од 19:00 часот.