• Горан Упале

Кошаркарите на Пелистер максимално подготвени го дочекуваат првиот меч во новата година, во кој во дерби-пресметка му гостуваат на шампионот МЗТ Скопје.
Изминатите денови беа одбележани од иницијатива на Пелистер за создавање на нормални услови во салите за одигрување на натпревари, но во меѓувреме избраниците на тренерот Петровиќ работеа напорно подготвувајќи се за овој дуел со „штрковите“.
Првиот меч со денешниот ривал одигран во Битола заврши со победа на Пелистер, со поените што во финишот ги постигна Американецот Антоан, кој очекува неизвесен дуел и денеска.
„Знаеме дека МЗТ е квалитетен тим што игра во силно темпо во текот на сите 40 минути, многу се искусни, но ние исто така имаме свои квалитети што планираме да ги искористиме. Клучно според мене ќе биде да одиграме тимска одбрана во текот на сите 40 минути, да нема никакво опуштање. Ако го сториме тоа, ако ги слушаме советите на тренерот и си веруваме еден на друг и во напад и во одбрана, верувам дека ќе успееме да стигнеме до победата“, вели Антоан.
„Зелено-белите“ со серија одлични игри ја завршија минатата 2024 година, а Американецот е оптимист дека таа низа ќе продолжи и на стартот од новата година.
„Игравме навистина добра кошарка, заслужено победувавме и таа атмосфера остана на тренинзите уште од првиот пат кога се собравме во новата година. Работевме напорно за серијата да продолжи, знаеме дека денешниот ривал е многу квалитетен, но наша цел е да продолжиме со победите во домашното првенство“, оптимистички е расположен Брајан Антоан.
Пелистер изрази надеж дека организаторот на денешниот дерби дуел ќе обезбеди минимални услови за игра согласно пропозициите (најмалку 12 степени целзиусови во салата). Во спротивно нема да прифатат да се одигра мечот во услови што не ги задоволуваат минималните стандарди за кошаркарски натпревар според пропозициите на КФСМ.