• Сашо Поповски

Со 11. победа во регионалната АБА лига, екипата на Црвена Звезда се искачи на врвот на табелата и го заврши натпреварувањето за оваа година. Кошаркарите предводени од Душан Алимпијевиќ славеа убедлив триумф на гостувањето кај Мега Бемакс (85-90).
Првата четвртина донесе неизвесност и минимална предност за домаќинот, кој сепак потклекна пред паузата со катастрофални втори десет минути. Нашиот Перо Антиќ постигна седум поени до полувремето, а се истакна со прекрасното забивање кое пристигна по одличната финта на која наседна неговиот чувар.
Фелдејн беше лидер кај „црвено-белите“ и беше најзаслужен за предноста од 38-51 по првото полувреме.
Предноста беше намалена на крајот од третиот квартал, но тоа не беше доволно за целосен пресврт и гостите си заминаа дома со нова победа во АБА лигата. Најефикасен на мечот беше Фелдејн кој постигна 24 поени, а Антиќ зад своето име запиша 12 поени.
Српскиот прволигаш ќе ја заокружи годината со дуелот против Милано во рамки од 15. коло од Евролигата.