Антиќ: Ќе составам силен тим кој ќе работи за доброто на мак-баскетот!

Македонската кошарка доби нова легенда за претседател. По Петар Наумоски, на првото столче во „куќата на кошарката“ седна Перо Антиќ.

Како единствен кандидат, тој ја доби довербата, а по назначувањето, истакна дека за него ова ќе биде голем предизвик.

„Секако дека сум среќен, но искрено малку ми е и чудно во оваа улога. Веќе реков, мојата идеја е да составам силен тим од спортисти и луѓе од бизнис-секторот и сите заедно да работиме за кревање на кошарката, враќање на оптимизмот кога се говори за овој спорт. Приоритети има многу, од развој на младинската кошарка, до засилување на лигата и враќање на репрезентацијата онаму каде што посакуваме да биде – редовен учесник на големите натпреварувања“,  гласи првата изјава на Антиќ.

Македонската кошаркарска федерација доби нов претседател по 2015 година. Антиќ е десеттиот претседател по осамостојувањето на Македонија.