Антиќ: Ќе се кандидирам за претседателската функција на МКФ!

Поранешниот капитен на македонската репрезентација Перо Антиќ официјално потврди дека ќе се кандидира за функцијата претседател на Македонската кошаркарска федерација (МКФ).

Мандатот на првиот човек на македонската кошарка Петар Наумовски истекува оваа година.

„Првпат кажувам јавно дека ќе се кандидирам за претседателската функција на МКФ“, кратко рече поранршниот македонски репрезентативец.

Меѓу потесниот круг кандидати се споменува дека ќе биде и сегашниот спортски директор на федерацијата Владимир Темелковски.

36-годишниот Антиќ не е во најдобри односи со челниците на МКФ и често знае јавно да реагира на нивното работење. Во 2017 година тој доби награда за своите успеси, но по низата реакции на адреса на куќата на кошарката, не се појави на церемонијата да ја прими истата.

Еден од најдобрите кошаркари во нашата историја ја започна кариерата во Работнички, а најмногу се прослави играјќи за Олимпијакос и Фенербахче со кои ја освои титулата во Евролигата. Во 2013 година испиша историја и стана првиот Македонец во НБА лигата, облекувајќи го дресот на Атланта Хокс.

Неговата богата кариера заврши минатата година во „неговата“ Црвена Звезда каде ја одигра последната сезона.