• Мартин Танасковски

Перо Антиќ, најуспешниот македонски кошаркар во историјата, имаше перфектно деби во дресот на Црвена Звезда. Крилниот центар доби мала минутажа, но со фантастични „тројки“ успеа да ја полуде салата „Пионир“ и да ја води Црвена Звезда до посакуван триумф над Мега Бемакс (90-80).
Белграѓани ја оправдаа фаворитската улога и дојдоа до посакуван триумф, иако Мега даваше голем отпор и се бореше цел натпревар. Уште по првиот период Звезда дојде до предност од седум поени (26-19), а токму нашиот Перо Антиќ погоди со звукот на сирената за три и од својот прв шут - ги даде првите поени.
Македонецот беше бурно поздравен од публиката при неговото влегување, затоа што е миленик на „Делиите“, а покрај онаа со звукот на сирената, тој им возврати со уште две тројки, како и уште еден поен од линијата за слободни фрлања. До крајот на мечот, Антиќ шутна уште трипати за три, но промаши и натпреварот го заврши со вкупно 10 постигнати поени за 10 минути и 50% ефикасност од поле.
Што се однесува до натпреварот, Мега Бемакс беше во егал со Црвена Звезда само до средината на третиот период, кога на семафорот во „Пионир“ стоеше 59-59. Потоа, Црвена Звезда направи серија од 7-0 и се одлепи на 66-59, а во последниот период го врати и двоцифреното водство (75-65), кое на крајот се покажа како недостижно.
Најдобар поентер кај Црвена Звезда беше Рочести со 27 постигнати поени, додека Фелдеин додаде уште 21 поен, а Перо Антиќ беше трет стрелец со вкупно 10 поени. Кај Мега најмногу се истакна Енис со 21 поен, а Ребиќ додаде 17 поени. Исто така солидна минутажа имаше и Предраг Самарџиски, но не успеа да се запише во листата на стрелците.
За Црвена Звезда ова е втора победа во второто коло од АБА лигата. Актуелниот бранител на тронот во наредното коло гостува во Словенија, каде се соочува со Олимпија, а Мега, пак, е домаќин на Морнар Бар.