„Антиќ доби аплаузи, а јас како грчки кошаркар бев заборавен и тоа ме разочара...“

Антиќ Слукас

Грчкиот интернационалец Костас Слукас во интервју за „Eurohoops“ раскажа за еден од најтешките моменти во неговата професионална кариера.

По седум години во Олимпијакос, плејмејкерот одлучи да си замине и да се пресели во Фенербахче. Таму мина пет сезони, пред одново да се врати во „цервено-белиот“ дрес минатата година.

31-годишникот вели дека никогаш нема да заборави кога првпат се врати да гостува на Пиреја како член на Фенер. Пречекот кој го доби не го очекуваше и многу го погоди, а сеќавањата ќе го болат до крајот на животот.

„Беше многу тешко. За мене, Олимпијакос е мојот дом во кој поминав седум години и постигнав голем успех. Јас бев грчки играч кој се бореше за својот дрес, го сакаше својот тим и не спиеше после секој неуспех. Мојот соиграч Перо Антиќ од Фенербахче доби аплаузи, а јас како грчки играч кој помина седум години таму, бев разочаран што не го добив истиот пречек. Мојата цел не е да кажам ништо лошо за Антиќ. Тој играше за Олимпијакос околу две години и ја остави душата на терен. Но, тоа што се случи ме разочара.

Не сакам да ги критикувам луѓето, тие не ги знаеја моите мисли. Тие имаа свое гледиште и ја правеа вистинската работа за нив. Слушам критики, но тоа не влијае на мене. Се грижам само за луѓето блиски до мене, за моето семејство или за луѓето со кои работам. Беше толку едноставна работа, но сепак ме повреди. Мислам дека луѓето беа погодени од моето заминување. Во салата имаше многу поголема напнатост отколку што требаше да има во тоа време. Можеби тоа беше затоа што заедницата ме сакаше толку многу што моето раскинување со клубот имаше поголемо влијание“, се отвори Гркот.

Антиќ, кој моментално е прв човек на македонската кошарка, беше дел од Олимпијакос од 2011-2013 година. Со грчкиот гигант постигна големи успеси и освои две последователни европски титули, а во тој период стана миленик на навивачите на клубот.