• Мартин Танасковски
Шпанскиот кошаркарски клуб Валенсија би можел да добие значајно засилување за следната сезона, откако македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски е сè поблиску до трансфер во редовите на овој евролигаш, пренесуваат странските медиуми.
Крилниот кошаркар зад себе има солидна сезона во дресот на Тренто, каде што покажа значителен напредок и зрелост во играта, што го позиционира како подготвен за следниот чекор во кариерата, тоа е настап на највисоко европско ниво.
Пред враќањето во Европа, Јакимовски помина пет години во САД, каде што четири сезони настапуваше за Вашингтон Стејт, а потоа една година беше дел од Колорадо Бафалос во НЦАА лигата. По тоа искуство, тој се одлучи за враќање на европската сцена, каде брзо го привлече вниманието со своите настапи. Во домашното првенство, Јакимовски бележи просек од 9,2 поени и пет скокови по натпревар, додека во Еврокупот има уште поимпресивни бројки – 10,8 поени и 6,1 скок по натпревар, што дополнително ја зголеми неговата вредност на пазарот.
Во ростерот на Валенсија на крилните позиции веќе настапуваат репрезентативците Хосеп Пуерто и Џави Лопес-Аростеги, како и Камерон Тејлор, што значи дека конкуренцијата би била сериозна. Во тимот веќе има и еден кошаркар со македонска врска, тоа е Омари Мур, кој поседува македонско државјанство.
Валенсија, предводена од тренерот Педро Мартинез, оваа сезона се вбројува меѓу најпријатните изненадувања во Евролигата. Шпанскиот состав се наоѓа во самиот врв и има место во плеј-офот.






