Андоновски: Младите играчи можат многу да напредуваат и во нашата земја

Ако некој ја искористи својата шанса, и со неполни 18 години стана прволигашки играч, тоа е  Андреј Андоновски. Иако имаше понуди, како добар дел од своите репрезентативни соиграчи од генерацијата 2002, да замине и да заигра во некоја земја надвор од Македонија, високото крило се одлучи за онаа „домашна варијанта“.

Андреј е дел од вториот тим на МЗТ Скопје Аеродром и се избори за шанса за настап во елитната македонска конкуренција и во „премиерната“ прволигашка сезона запиша навистина добри бројки.

Како си задоволен од оваа сезона, прва прволигашка за тебе во кариерата?

„Оваа сезона ми е прва во Првата сениорска лига на Македонија како член на вториот тим на МЗТ Скопје. Уште во претходната сезона, како дел од КК Феникс 2010 почувствував како е да се натпреварува со сениори во Втората лига на Македонија. Така што на стартот на оваа сезона веќе имав претстава што можам да очекувам од себеси. Со оглед на тоа што настапувам за МЗТ Скопје  Уни-Банка, тим кој е составен од млади играчи, очекував тешка сезона која ќе биде исполнета со многу порази. Првата македонска лига е доста компетитивна и во неа учествуваат искусни екипи со квалитетни играчи. Но сепак филозофијата на тимот беше јасна уште на самиот старт, секој од нас играчите треба да го почувствува оној жар и интензитетот на сениорската кошарка. Иако не успеавме да оствариме ниту една победа, сепак на неколку натпревари бевме блиску до неа. Секако во клучните моменти на овие неизвесни натпревари пресуди искуството и стрпливоста на значително поискусните противнички играчи. На индивидуално ниво мислам дека доста напредував. Исто така многу очигледен беше и напредокот на целата екипа. Но, сезоната заврши и ние немавме можност овој наш напредок да го наградиме и со наша прва победа“, вели младиот кошаркар, некогаш дел од екипата на Феникс 2010. 

Како ги поминуваш овие денови на пауза? Што правиш и како се снаоѓаш?

„Самата ситуација во која се наоѓаме, на сите ни е многу чудна и невообичаена. Така е и кај нас спортистите. Секој од нас е оневозможен да ги извршува своите рутински спортски активности, кои се неопходни за одржување на формата. Јас лично мислам дека целата ситуација релативно негативно влијае врз моето секојдневие. Како средношколец од средното училиште „Јосип Броз-Тито“ кој игра во две лиги, Младинска М-18 и Првата сениорска лига, секој ден ми беше исполнет со многу активности и обврски бидејќи се трудам на секое поле да бидам успешен. Но, со неочекуваната ситуација, многу нагло ја почувствував промената, со тоа што од премногу секојдневни обврски стигнав да бидам потполно затворен дома, без физичката активност на која бев навикнат.

Како и да е, морав да се прилагодам на условите и да импровизирам. Имам посебна програма по која што се водам за да ја задржам сопствената форма. Покрај вежбите кои ги правам за целото тело, се придржувам и кон програмата за здрава исхрана која ја следам повеќе од два месеци и имам видливи резултати. Контакт со топка немав скоро месец дена. Толку голема пауза без баскет никогаш не сум имал во мојот живот. Сепак во последно време, со намалувањето на мерките на Владата, почнав сам да шутирам на маалскиот кош и морам да признаам дека подобро не сум се чувствувал одамна“.

Оваа година нема да играте Европско првенство Б дивизија до 18 години?

„Европското првенство Б дивизија до 18 години беше настанот за кој се спремав цела натпреварувачка сезона. Со оглед на фактот што со оваа генерација, пред две години, го освоивме третото место на Европското првенство Б дивизија до 16 години во Сараево, мислам дека оваа моја еуфорија е многу нормална и очекувана. Сепак околностите се такви какви што се, и се надевам дека шансата на оваа генерација за остварување на нов успех ќе биде во блиска иднина“.

Блиску си и до сениорската репрезентација на Македонија. Дали мислиш дека можеш да бидеш дел од тимот во блиска иднина?

„Како младински репрезентативец на Македонија од свои 14 години, мој најголем сон од секогаш бил да сум дел од сениорскиот тим на репрезентацијата на Македонија. Доколку во блиска иднина добијам повик за учество во репрезентацијата, тоа ќе биде само потврда на моето секојдневно работење и усовршување. Сепак сеуште сум доста приземен во врска со ова прашање, и се трудам што помалку да размислувам на оваа тема. Но, доколку некогаш ја добијам честа да ги бранам националните бои во сениорска конкуренција, сигурен сум дека ќе го оставам срцето на терен како и до сега“.

Кои се твоите идни планови?

„Бидејќи сум млад играч сите врати и опции сеуште ми се отворени. Досегашните понуди за странство не бев спремен да ги прифатам и задоволен сум од својата одлука. Во последната сезона  одиграв добри натпревари во Првата лига, и мислам дека младите играчи како мене можат многу да напредуваат и во Македонија“, советува“ Андоновски.

Радува фактот што многу млади македонски момчиња се развиваат и „тропаат на вратата“ на сениорските екипи.