• Саше Љолес
Анадолу Ефес продолжува да создава исклучително моќен состав за новата сезона, а турскиот евролигаш е пред уште едно интересно засилување во надворешната линија. По ангажманите на Мајк Џејмс и Метју Стразел, во Истанбул би требало да пристигне и Дерон Расел, досегашниот плејмејкер на Клуж.
Расел зад себе има одлична сезона во дресот на романскиот клуб, со што го привлече вниманието на повеќе европски екипи. Тој претходно постигнал договор со Монако, но финансиските проблеми во клубот од Кнежевството придонеле за промена на плановите, што го искористил Анадолу Ефес.
Според информациите од Турција, Расел постигнал договор со евролигашот од Истанбул, а официјализацијата на соработката се очекува наскоро.
Американецот со романски пасош минатата сезона беше меѓу најдобрите поединци во составот на Клуж. Во АБА лигата просечно постигнуваше 16,2 поени по натпревар, додека во Еврокупот беше уште поефикасен со просек од 19,8 поени.
Доколку трансферот биде официјализиран, Анадолу Ефес ќе ja има една од најинтересните бековски линии во Евролигата. Покрај Расел, тимот веќе ги има Мајк Џејмс и Метју Стразел, а тука се и Пи Џеј Дозиер, Џордан Лојд и Ajзеа Кординије. Дел од овие имиња веќе се потврдени како дел од ростерот на Ефес за сезоната 2026/27.
По две последователни европски титули на почетокот на оваа деценија, Ефес очигледно повторно има големи амбиции. Со ваква конкуренција на надворешните позиции, турскиот клуб несомнено испраќа сериозна порака пред стартот на новата сезона во Евролигата.
