• Зоран Мишевски

Во драматично финале во „Штарк Арена“ во Белград, Анадолу Ефес ја одбрани европската круна, победувајќи го Реал Мадрид со 58-57. Ова е втора европска круна за поранешниот клуб на Петар Наумоски и трета европска титула во шест години за турската кошарка. Ергин Атаман го надмудри Пабло Ласо и успеа да го совлада и покрај многу поголемиот број скокови на противникот. Една година по титулата во „Ланксес Арена“, со победата во финалето против Барселона, „пиварите“ совладаа уште еден шпански гигант и покажаа дека се надоаѓачка сила на европската кошарка.
Двете екипи почнаа напнато и нервозно, со многу грешки и лош процент на шутот: Ласо почна без плејмејкер и со игра преку Тавараш, кој доминираше во првиот квартал. Тој собра 12 поени и седум скока, но Реал не успеа да се одлепи над ривалот (15-14).
Втората четвртина донесе подопадлива кошарка, се разиграа Французите во шпанскиот табор, а две тројки постигна и подзаборавениот Рендолф. Момците на Ласо постојано водеа со 4-6 разлика и на крајот од втората четвртина заминаа во соблекувалната со предност од 34-29.
Вистинска војна под обрачите се водеше во третата четвртина. За секој поен требаше силно да се помачат кошаркарите, а десетте минути ги одбележаа две серии. „Кралевите“ се одлепија на 40-31, но „пиварите“ брзо одговорија. Плајс и Ларкин направија серија 9-2 и во пресрет на последната четвртина резултатот гласеше 42-40.
Турците одлично почнаа во последната четвртина и по подолго време поведоа. Сепак, одбраната на центрите на Реал и тројката на Љуљ ја вратија кралската предност на пет минути до крајот (50-49). Одговори Плајс со четири последователни поени за +3 за европскиот првак. Во играта на нерви, серија на грешки и среќни околности, Анадолу Ефес извојува победа од 57-58 и ја одбрани европската круна.
Најефикасни во тимот на Анадолу Ефес беа Мициќ со 23 и Плајс со 19 поени, а кај Реал Мадрид се издвои Валтер Таварес со 14 поени. Капитенот Брајан Данстон го подигна големиот евролигашки пехар, кој му го предаде првиот човек на Евролигата Жорди Бертомеу.