Американски колеџ со милионски договор за хрватскиот талент од АБА лигата

Интересни вести доаѓаат од Соединетите Американски Држави. Колеџот на Универзитетот „Кентаки“ реши да го одврзе ќесето и со сума од еден милион долари да го привлече кај себе хрватскиот кошаркар, Андрија Јелавиќ. 

Играчот на Мега Баскет ќе добие договор кој ќе му гарантира најмалку половина милион долари годишно, а ова значи дека колеџите во САД веќе започнуваат да трошат големи средства за млади и уште недокажани играчи, за кои се смета дека поседуваат голем талент. 

Половина од милионската сума ќе оди како данок за државата, но во секој случај, Јелавиќ ќе заработува многу повеќе отколку што во моментов би добивал во било кој европски клуб. 

Кентаки Вајлдкетс сезонава во ростерот имаат двајца играчи кои ќе заработуваат 3,5 милиони долари, а воедно тимот го има најголемиот буџет во историјата на колеџ-кошарката (22 милиони долари). 

Јелавиќ оваа сезона во дресот на Мега Баскет просечно постигнуваше 11 поени, 7,4 скока и 1,5 аситенција по натпревар. Настапува на позицијата крилен центар и е висок 210 сантиметри.