• Иван Димовски
Кошаркарите на Соединетите Американски Држави ја декласираа Србија со 105-79 во пријателски натпревар во склоп на подготовките за Олимписките игри во Париз.
Средбата која се одигра во Абу Даби во целост му припадна на фаворитот и најдобрата репрезентација на светот. Американците со сите ѕвезди „удрија“ на Србите, во стартната петорка тргнаа Кари, Ембид, Холидеј, Џејмс и Тејтум, додека на клупата беа сите останати ѕвездени имиња кои имаа придонес. Кај Србите недостигаа Богдановиќ и Милутинов кои останаа на клупата.
Првата четвртина беше релативно израмнета, во неа двете селекции имаа предност и не успеаја да се одлепат. До полувремето САД сепак успеа да изгради двоцифрена предност и на одмор се замина со 59-45.
Водството продолжи да расте, Американците си правеа атракции во нападите и рутински го водеа мечот. Во третиот период се достигна дотогаш највисоката предност од 26 поени, меѓутоа во последната четвртина САД водеше и со 30 поени разлика. На крајот, Србија претрпе убедлив пораз од американскиот „дрим-тим“.