• Горан Упале

Американскиот кошаркар Ленгстон Вилсон се прости од Пелистер и од битолската публика со емотивна порака на социјалните мрежи, ставајќи крај на својата едногодишна авантура во зелено-белиот дрес. Вилсон му се приклучи на Пелистер во септември минатата година и беше еден од најзабележителните странски играчи во тимот.
Во својата порака, американскиот крилен центар истакна дека зад него е сезона исполнета со многу предизвици, но и моменти кои ќе ги памети цел живот.
„Сезона полна со подеми и падови, но низ сето тоа сум благодарен. Оваа година ме научи на трпение и понизност, а воедно ми помогна повторно да ја вратам самодовербата. Ви благодарам што ме прифативте и што ми дававте поддршка во текот на целиот престој. Дојдов тука само да играм кошарка, а заминувам со искрени пријателства, силни врски и спомени кои ќе траат цел живот“, порача Американецот.
Вилсон беше важен дел од ростерот на Пелистер во изминатата сезона, оставајќи забележителен придонес под кошевите и освојувајќи ги симпатиите на битолската публика со своите игри и професионален однос.



