Американецот Гарсија е наследникот на Клоф во МЗТ Скопје

22-годишниот Ерик Гарсија од универзитетот Вофорд од американската НЦАА-лига е нов кошаркар на МЗТ Скопје Аеродром, откако денес официјално го потпиша договорот со шесткратниот македонски шампион.

Гарсија е новиот плејмејкер, кој би требало да има улогата на организатор на играта на “сино-белите“ во следната сезона. За него ова ќе биде прво искуство во европската кошарка по четиригодишен настап за Вотфорд, каде одигра 128 натпревари од кои на дури 119 беше во улога на стартер. Во НЦАА-кариерата имаше просек од 9,8 поени, 4,2 асистенции и 2,3 скока, а убедливи беше најдобар во последната година на универзитетот кога на 33 средби просечно реализираше 14 поени, 6,8 асистенции и 2,8 скока.

Претходно, во таборот на аеродромци дојдоа Дамјан Стојановски, Бобан Стајиќ како и младите и талентирани Михајло Митев и Ранко Мамузиќ додека договорна обврска од минатата сезона имаат Марко Симоновски, Адем Мекиќ и Ксавиер Темс.

МЗТ Скопје Аеродром во новата сезона ќе биде предводен и од нов тренер, повратникот Александар Тодоров.