Американците од Кожув го распаднаа Куманово во последниот квартал

Екипата на Кожув ја прекина кризата во Првата лига и со домашна победа над Куманово (95-80) ја впиша шестата радост во елитата, прва во последните осум кола.

  • Комплетниот натпревар меѓу Кожув и Куманово:

Кумановчани на Мирковски добро се држеа во овој натпревар и ја имаа контролата, но во последниот период сите работи се распаднаа како кула од карти. Така, екипата на Куманово шест кола по ред не знае за победа, последната му е против Ангели во месец декември.

Што се однесува до натпреварот, Куманово во еден момент имаше единаесет поени позитива (20-31), но потоа ја прокоцка. Кожув фати приклучок пред полувремето и го сврте резултатот во своја корист (46-42) и двата тима оттогаш беа изедначени. Главниот чекор кон победата домашниот тим го направи кога од 65-67 за Куманово во последниот квартал, предводен од двајцата Американци Унрух и Бродвеј направи серија од 12-0.

Токму Тач Унрух од Кожув беше најефикасен на натпреварот со 29 поени, пред Трејвон Бродвеј со 20 поени. Кај Куманово најмногу се истакна српското дуо Ѓукан Ѓукановиќ (16 поени) и Стеван Глигоријевиќ (13 поени).

Тимот на Перо Блажевски во моментов е деветти со скор 6-12, додека Куманово се наоѓа на десеттата позиција со скор 4-14. Во следното коло Кожув гостува кај МЗТ Скопје УБ, додека Куманово е домаќин на Еуро Никел.