Алимпијевиќ го објави списокот: Никола Јокиќ ќе ги предводи „орлите“

Селекторот на машката кошаркарска репрезентација на Србија, Душан Алимпијевиќ, го објави списокот од 18 играчи на кои ќе смета за претстојниот квалификациски прозорец на ФИБА за Светското првенство. На списокот на младиот стратег се наоѓаат многу познати имиња предводени од трикратниот МВП на НБА, Никола Јокиќ, како и НБА тандемот Никола Јовиќ и Тристан Вукчевиќ.

Српската репрезентација ќе се собере на 22 јуни, кога официјално ќе започнат подготовките за последните натпревари од првата фаза од квалификациите. Како дел од подготвителниот период, „орлите“ ќе одиграат контролен натпревар затворен за јавноста против репрезентацијата на Чешка на 27 јуни во Белград.

Потоа Србија ќе има два исклучително важни дуела во квалификациите за Мундобаскет. Првиот е закажан за 2 јули против Швајцарија на гости, додека четири дена подоцна, на 6 јули, ќе ја пречекаат Босна и Херцеговина во Белград.