Швед претепан од хулигани, заврши во болница со повреда на мозокот

Поранешната НБА ѕвезда, рускиот кошаркар Алексеј Швед, бил претепан од страна на хулигани во родната земја. Сегашниот член на ЦСКА Москва бил физички нападнат, му биле нанесени повреди и е примен во болница. Според најавите, Швед бил нападнат при излегување од ресторан во понеделникот по елиминацијата на тимот од ВТБ Купот.

ЦСКА се огласи на социјалните мрежи, откри дека Швед има сериозни повреди на мозокот, кои ги добил по пад како последица од ударите. Тој во моментов ќе биде надвор од тимот, а засега е непознато колку долго ќе отсуствува. 

„Алексеј Швед беше нападнат од хулигани. 

Дефанзивецот во нашиот тим претрпе хулигански напад вo понеделникот при излез од еден московски ресторан. Швед претрпе сериозна повреда на мозокот при падот, како последица на ударите и заврши во болница. Кошаркарот се обрати на полицијата и ситуацијата се разгледува. 

Поради повреда, Швед нема да биде дел од претстојните натпревари, му посакуваме побрзо закрепнување“, стои во соопштението на ЦСКА Москва.

Швед потекнува од школата на ЦСКА Москва, а во тимот се врати пред две години. Во меѓувреме беше дел и од повеќе екипи во НБА лигата, играше за Хјустон, Њујорк и Филаделфија, па беше одличен руски репрезент во Соединетите Американски Држави.