Алба без решение во „Палау Блауграна“, рутинска домашна победа за Барса

Барселона баскет

Барселона ја запиша петтата победа во низа на домашниот дуел со Алба Берлин (80-67) во 31. коло од Евролигата.

Каталонскиот тим обезбеди место во доигрувањето, но со сериозен пристап влезе во денешната средба. На моменти беше неизвесно, а на крај фаворитот пронајде начин да го одбрани домашниот терен.

Никола Миротиќ беше незадржлив и човекот кој го водеше тимот на Јасикевичиус до бодовите. Клучната разлика Барса ја направи во втората и четвртата четвртина, кога се одлепи доволно за да не стравува за конечниот исход.

Шпанската екипа ја продолжи одличната серија во меѓусебните дуели со денешниот ривал. За Каталонците ова е петта последователна победа против германскиот претставник.

Миротиќ блесна со 26, а Ориола заврши со 13 поени. Ниту еден од гостинските кошаркари не запиша двоцифрен учинок. Најефикасен беше Сикма со девет поени.