Аларм во Реал: Хрватскиот ас загуби седум килограми и се мачи со непозната болест

Хрватскиот репрезентативец и еден од најдобрите играчи на Реал Мадрид, Марио Хезоња, има проблем со непозната болест која го мачи веќе две недели и се чини дека ќе отсуствува уште некое време од кошаркарските терени. 

Хезоња не играше на мечот од шпанскиот Суперкуп, а го пропушти и мечот од првото коло во првенството, каде Реал Мадрид беше изненадувачки поразен од Леима Коруња (86-85). Хрватот се жалел на дијареа, висока температура и болки во коските, а воедно изгубил и седум килограми. 

Медицинскиот тим на „кралевите“ изјави дека работи на враќање на неговата форма и стабилизирање на килажата, но процесот оди побавно од очекуваното. Дополнителните прегледи покажале дека не се работи за нешто посериозно, но зачудува фактот што Хезоња веќе две недели е во лоша физичка кондиција. Тој во моментов е во посебен тренажен режим, со голем акцент на исхраната и нутритивните вредности. 

Хрватскиот ас е член на Реал Мадрид од сезоната 2022/23 и досега успеа да ги освои сите можни трофеи, вклучително и највредниот, оној од Евролигата.