„Ако сезоната започне во декември, Леброн нема да игра еден месец...“

Леброн

Последните шпекулации велат дека НБА сезоната ќе започне непосредно пред 2021 година. Како потенцијален датум се споменува 22 декември, што е само два месеци по крајот на финалната серија.

Коронавирусот донесе поместувања кои беа очекувани, но ѕвездите не се подготвени да го ризикуваат своето здравје. Поради тоа Дени Грин најавува дека голем дел од кошаркарите нема да играат ако натпреварите започнат пред Божиќ.

„Ако сезоната започне толку брзо, не верувам дека Леброн ќе биде дел од натпреварите. Тој сигурно ќе го пропушти првиот месец. Имаме многу ветерани во екипата, па мислам дека тоа би претставувало голем проблем. Мислам дека поголем дел од момците нема да ја прифатат оваа одлука“ , изјави шутерот на Лос Анџелес Лејкерс.

Датумот во декември е само 70 дена по шестиот натпревар од НБА финалето од ланската сезона. Толку краток одмор меѓу две сезони никогаш не се случил, па поради тоа се очекува длабоко разгледување на сите можни опции околу стартот на новата сезона.