• Зоран Мишевски

Еден од најкултните клубови на овие простори и клуб кој ги освои сите можни трофеи во хрватски, југословенски и европски рамките, се наоѓа пред згаснување. Пандемијата со Коронавирусот силно „удри“ на кошаркарскиот клуб Цибона од Загреб, која и претходно се наоѓаше во финансиска криза.
Во каква состојба се наоѓа клубот на Дражен Петровиќ, Фрањо Араповиќ, Зоран Чутура, Мирко Новосел и многу други легенди, најдобро пренесе директорот Домагој Чавловиќ.
„Двократниот европски првак може да згасне, ако не дојде до помош од град Загреб.„Ако градот не ни излезе во пресрет, ќе бидеме на раб на пропаст. Најавени беа околу 18 милиони куни, но таа сума не ни е доволна.
Ја прекинавме соработката со Гибсон, Ребец, Катиќ, Новачиќ, Љубичиќ, Билиновац. На овие играчи им истекуваа договорите по крајот на оваа сезона. Со некои од нив ќе ја обновиме соработката пред почетокот на новата сезона доколку има услови за такво нешто“, изјави директорот на Цибона, Домагој Чавловиќ.
Цибона беше европски шампион во 1985 и 1986 година, има уште два трофеја во поранешниот Куп на победниците на куповите, еден во Купот „Радивој Кораќ“ и еден во европскиот Суперкуп. Еднаш триумфираше во АБА лигата, трипати во југословенското и 19 пати во хрватското првенство.