Ако го сака Теодосиќ, Црвена Звезда ќе мора да понуди две милиони евра годишно

Еден од најдобрите српски кошаркари во поновата историја, Милош Теодосиќ е мета на Црвена Звезда.

Оваа информација пред неколку дена ја потврди и претседателот на „црвено-белите“, Небојша Човиќ, кој вели дека шампионот на АБА лигата испратил понуда до искусниот плејмејкер.

Како што пренесува „Газета дело спорт“, претставници на Црвена Звезда стапиле во контакт со агентот на Теодосиќ, Нико Локос. Теодосиќ има договор со Виртус вреден 1,7 милиони годишно и како што пренесуваат тамошните медиуми ако Црвена Звезда е подготвена да го доведе српскиот ас, ќе мора да ја зголеми понудата на најмалку две милиони евра.

Теодосиќ дојде во Виртус во 2019 година кога ја напушти НБА лигата и Лос Анџелес Клиперс, а претходно играше за ЦСКА Москва, Олимпијакос, Борац од Чачак и ФМП Железник.