Академија ФМП со скратен состав потклекна пред Левски

Македонскиот претставник во БИБЛ-лигата, екипата на Академија ФМП, никако да ја прекине лошата серија во регионалното натпреварување. Во петтиот натпревар на меѓународна сцена, тимот од Кисела Вода на домашен терен загуби од Левски (74-103).

  • Комплетниот натпревар меѓу Навико ФМП и Левски:

Бугарскиот гостин беше убедлив во дуелот со македонскиот претставник, кој, пак, во ниту еден наврат немаше шанса да се надигрува и да се надева на евентаулен успех во овој натпревар. ФМП во текот на мечот поведе само еднаш, на почетокот на вториот квартал (27-26), а потоа Левски влезе во серија, создаде разлика (37-46), која на крајот изнесуваше високи 29 поени.

Светла ѕвезда кај македонскиот претставник беше Бре Ајви кој заврши со 41 поен, девет скока и една асистенција, пред Лука Стојановски со 12 поени, шест скока и три асистенции. Кај бугарскиот гостин најистакнат заврши Ивица Радиќ со 26 поени и 11 скока.

Вреди да се напомене дека на овој меч македонскиот тим беше без главниот тренер и без четири играчи кои беа отсустни поради болест. ФМП има пет порази на пет натпревари, а во следниот меч ќе биде домаќин на Макаби Некст Урбан Хаифа.