Академија ФМП се раздели со тренерот Гацов по пет последователни порази

Падна првата тренерска жртва во македонската кошарка во новата 2020 година. Новиот прволигаш, Академија ФМП се раздели со тренерот Игор Гацов, по петте порази во низа во шампионатот. Иако во првиот дел од шампионатот, скопскиот тим запиша победи над Работнички, Вардар и МЗТ Скопје Уни Банка, сепак во зимските месеци не му оди најдобри.

Во последниве пет кола тимот на Академија ФМП трипати беше надигран пред своите гледачи, а загуби и на гостувањето кај Куманово и во „Градски Парк“ кај Работнички.

По одлуката да му се заблагодари на Гацов, кој претходно успеа да ја донесе екипата во елитата, управата на Академија ФМП деновиве треба да го именува неговиот наследник. За време на викендот скопскиот клуб го пречекува шампионот МЗТ Скопје. 

Гацов е втора тренерска жртва во досегашниот дел од сезоната во Првата македонска кошаркарска лига. Прва беше Зоран Тодоровиќ кој на почетокот од декември го напушти Пелистер и на негово место беше доведен Љупчо Малинков.