Академија ФМП му го зеде скалпот на Работнички за прва победа во историјата

Академија ФМП го изненади Работнички со победа на домашен терен од 87-83 и овој резултат претставува сензација во петтото коло и најголем триумф во историјата на новиот член на елитата. Во скопскиот дуел домаќинот дојде до првата победа во дебитантската сезона во Првата лига, а воедно и му го нанесе и првиот пораз на Работнички. Иако „црвено-белите“ стартуваа добро и ја добија првата четвртина, Академија ФМП беше подобра во преостанатите три за историската победа. 

Работнички беше во резултатска предност само во воведните минути, а првата четвртина заврши со 26-18. Во продолжение Академија ФМП се држеше подобро и не им дозволи на гостите дополнително резултатски да се одлепат. Работнички минимално ги доби вторите десет минути со 24-23, за резултатот на полувреме да гласи 50-41 во нивна полза. 

По паузата, домаќинот со серија 16-8 по седум минути игра стигна само на поен негатива. Иако Академија ФМП играше подобро и ја доби третата четвртина со 18-14, Работнички не ја испушташе предноста. На почетокот од последниот период гостите тргнаа сигурно и личеше дека лесно ќе дојде до победата. Сепак, Академија ФМП успеа да стигне до израмнување на четири минути пред крајот. Победата ја најави и првото водство на домаќинот на три минути до звукот на сирената. Академија ФМП на 13 секунди до крајот поведе со недостижни четири поени. Последниот напад не резултираше со кош за центарци и победата остана за домаќинот. 

Убедливо најдобар поединец во беше Данило Мијатовиќ од Работнички со 37 поени, додека кај Академија ФМП се истакна Даниел Начевски со 24 поени. Најмногу скокови имаше кошаркарот на Работнички, Стеван Глигоријевиќ кој собра девет. По десет асистенции поделија плејмејкерите на двете екипи, Лесколт и Харис.

Во следното коло, Академија ФМП гостува кај шампионот во Аеродром, додека Работнички гостува кај Еуро Никел.