• Саше Љолес
Супер-ѕвездата на Милвоки Бакс, Јанис Адетокумбо, се приклучи на атлетичарот Ноа Лајлс, кој рече дека НБА тимовите не треба да се претставуваат како „светски шампиони“ и помалку ги исмеја американските кошаркари кои не успеаја да стигнат ниту до финалето на Мундобаскетот.
Грчкиот репрезентативец поради повреда и операционен зафат не беше дел од својата селекција, но важи за еден од најдобрите кошаркари во светот, а деновиве даде интересна изјава која го „стави на страната“ на Лајлс.
„Лајлс доби критики само поради тоа што ја кажа вистината. Не знам како може клуб од НБА лигата да биде претставен како светски шампион. Ние освоивме шампионски прстен, а тоа значи дека сме ја освоиле лигата. Можеби има и некој посилен тим од нас, а ние не знаеме за тоа.
Фудбалот е многу попопуларен спорт од кошарката. Освојувачите на Лигата на шампионите никогаш не се нарекле себеси „светски шампиони“, иако се веројатно најсилни клубови на планетата. Мора да бидеме скромни и да внимаваме со изјавите.
Знам дека тоа е одамна тренд во САД, но мислам дека Ноа Лајлс беше комплетно во право. Германија ги победи САД и Србија, тие се вистинските светски шампиони“, изјави Адетокумбо.
Дел од американската јавност жестоко го критикуваше атлетичарот кој освои златни медали во три различни дисциплини на Светското првенство во Будимпешта. Имаше и такви кои го поддржаа, но голем дел од НБА играчите не се согласија со него, а некои дури и брутално му одговорија на социјалните мрежи. Сепак, очигледно е дека Јанис Адетокумбо е близу со својот став до Лајлс и индиректно изрази поддршка за одличниот американски спринтер.