Адем Мекиќ е нов член на Задар: Дојдов во клуб со големо реноме

Само два месеца откако го напушти МЗТ Скопје и се пресели во романскиот прволигаш Темишвар, македонскиот репрезентативец Адем Мекиќ има нов клуб. Бекот и официјално е член на Задар, откако се обврза на договор до крајот на оваа натпреварувачка сезона.

„Можеби делува изненадувачки, но се решив за промена на средината со оглед на тоа дека моите обврски кон Темишвар во оваа сезона многу извесно, ќе завршат на 7 април. Некако прерано за моите очекувања од оваа сезона. Кога се јавија луѓето од Задар, ја прифатив понудата. Сакам да играм во клуб со големо реноме, и тоа е причината што одбрав да ја доиграм оваа сезона во Задар“, изјави македонскиот репрезентативец.

Мекиќ е првиот Македонец што ќе го облече дресот на овој клуб по Тодор Гечевски кој остави длабока, неизбришлива трага во Задар и на кого се уште, со големо задоволство, се сеќаваат тамошните љубители на кошарката.

Македонецот ќе биде на располагање на задрани на домашната сцена, со оглед на тоа што рокот во АБА-лигата за регистрација за нови играчи е затворен.