• Мартин Танасковски
Македонскиот кошаркарски стручњак Александар Тодоров официјално ја започна новата етапа во својата кариера, откако беше именуван за генерален менаџер на романскиот клуб Рапид Букурешт. Веста ја потврдија од романскиот клуб преку своите официјални канали, истакнувајќи го богатото искуство и успесите што Тодоров ги носи со себе.
Педесет и двегодишниот Македонец се враќа во романската кошарка, каде што претходно мина четири успешни сезони, а зад себе има повеќе од две и пол децении работа на највисоко ниво. Во текот на кариерата работеше како тренер во четири различни држави и изгради репутација на еден од најценетите македонски кошаркарски стручњаци.
Како главен тренер освојуваше шампионски титули во Македонија и Бугарија, а во својата кариера беше и селектор на македонската машка сениорска репрезентација.
Во последните пет години Тодоров беше дел од холандскиот Ландстеде Хамерс од Цволе, каде што ја извршуваше функцијата генерален директор. Неговиот мандат во Холандија заврши на најдобар можен начин, со освојување на шампионската титула, што воедно беше и негов прв трофеј во менаџерска улога.
Во Рапид Букурешт очекуваат неговото искуство, организациски способности и познавање на европската кошарка да придонесат за дополнителен напредок на клубот и реализација на амбициозните цели во наредниот период.