Абу: Сакаме „Фемили“ да се насмеани по нашиот дуел во Чачак

Екипата на МЗТ Скопје утре гостува во Чачак кај тимот на Борац и ќе се обиде да стигне до многу значајна победа во клучниот меч за АБА-опстанокот сезонава. „Металците“ патуваат во Србија со добра атмосфера во соблекувалната, а изјава во пресрет на мечот даде и Американецот со нигериско потекло, Абдул-Малик Абу. 

Центарот кој пристигна во Аеродром на средина од сезоната се покажа како добро засилување за ростерот на Драган Николиќ и беше расположен пред мечот со Борац Чачак. 

„Мислам дека дојде време да одиграме најдобро што можеме. Трениравме одлично и се чувствува позитивната енергија во тимот. Мотивацијата е до небо, сите ја разбираме важноста на овој дуел. Мора да веруваме во себе и да не размислуваме на противникот. Ако одиграме според планираното, имаме сериозни шанси да се вратиме од Чачак со голема победа и со насмевки на лицата. Сакаме и нашите навивачи да бидат насмеани по овој меч“, изјави високиот кошаркар на МЗТ Скопје. 

Мечот меѓу Борац Чачак и МЗТ Скопје ќе се одигра утре, со почеток во 19 часот и ќе биде пресуден за „металците“ и за нивната евентуална АБА-авантура и следната сезона.