АБА пред целосен прекин, МЗТ Скопје ќе извиси за пласман во елитата?

Челните лица на АБА лигата донесоа одлука да не се продолжи тековната сезона, која беше прекината поради кризната состојба. Иако е во тек состанок со клубовите, на него само се очекува да се официјализираат шпекулациите и целосно да биде ставен крај на сезоната. 

Оваа одлука е предизвикана од откажувањето на Евролигата, а доколку се потврди, МЗТ Скопје по сè изгледа ќе извиси за пласман во елитата и трета сезона ќе игра во вториот ранг. 

Се очекува при таков расплет, ниту една екипа да не доживее релегација, а сè уште не е познато дали најдобр опласираните два тима од АБА 2 ќе добијат место во првата лига. 

МЗТ Скопје долго престојуваше на втората позиција која при проширување на елитниот ранг ќе значеше исполнување на целта. Сепак, аеродромци по добриот старт нанижаа пет порази во последните шест кола, па иако на крајот го совладаа Ловќен со ист број бодови како Сплит останаа на третото место кое може да ги чини многу. 

Во тек е состанокот на АБА-лигашите, по кој се очекува и официјално соопштение околу иднината на сезоната.