• Мартин Танасковски
АБА лигата официјално потврди дека Дубаи ќе го пречека Будуќност во Зеница во првиот натпревар од полуфиналето на плеј-офот.
Натпреварот ќе се игра во четврток од 18 часот во арената „Хусеин Смајловиќ“, додека вториот дуел е закажан за 25 мај во Подгорица. Евентуалниот трет натпревар повторно би се играл на неутрален терен, а домаќин формално ќе биде тимот од Дубаи.
Одлуката следува откако раководството на АБА лига минатата недела едногласно одлучи дека Дубаи нема да може да ги игра домашните натпревари од завршницата во својата сала „Кока Кола Арена“. Поради тоа, клубот беше принуден да бара неутрален терен за полуфиналето и евентуалното финале, а изборот падна на Зеница.
Во второто полуфинале ќе се соочат вечните ривали Партизан и Црвена Звезда, а првиот натпревар од таа серија се игра вечерва во Белградска арена.


