АБА лигата се прошири, но во неа влегоа тимови од Австрија и Романија!

АБА лигата од следната сезона ќе брои 18 учесници, по одлуката на собранието одржано в среда. Проширувањето сепак, не значи ништо за Македонија бидејќи ние и понатаму остануваме само со сигурни места во АБА-2 лигата. 

Нови членови на Јадранската лига ќе бидат клубови од Австрија и Романија. Кон лигата ќе пристапат Виена и Клуж, кои ќе се натпреваруваат во елитниот ранг. Меѓу второлигашите се селат Цибона и Морнар кои завршија на последното и претпоследното место минатата сезона. Се споменуваше дека во АБА може да заигра Хапоел Тел Авив, ама тоа не се исполни. Во елитата ќе играат Босна и Илирија кои си обезбедија пласман преку АБА-2 лигата. 

Промена има и во форматот, па сега наместо сите да играат во едно првенство, лигата се дели на две групи. Целосниот формат се очекува да биде познат наскоро.

За македонските клубови ова не значи ништо, МЗТ Скопје, ТФТ Скопје и веројатно Пелистер ќе бидат наши претставници во АБА-2 лигата следната сезона.