„АБА-лигата е циркуз, сега ќе видиме дали МЗТ ќе влезе, или...“

Ратко Варда е човек кој има богата кошаркарска кариера, во неа дел беше и настап за македонската кошаркарска репрезентација кога селекор беше Драган Раца и го однесе националниот тим на турнејата во Кина.

Некогашниот центар говореше за одлуката Партизан да не игра во Евролигата и истакна дека АБА-лигата е циркуз. Во контекст на напишаното го спомна и МЗТ Скопје, кој чека плејоф во АБА-2, но, според Варда, може неправедно да биде изоставен од елитата.

„Можеби сега на некои луѓе ќе им биде јасно дека ФИБА е федерација на кошарката, а УЛЕБ е приватен банкомат на моќниците. Најдобрата екипа во АБА и УЛЕБ купот не добива апсолутно ништо освен еден голем среден прст! Иако беше главен кандидат за освојување на АБА-лигата и УЛЕБ Еврокупот (Партизан н.з), во Евролигата има место за тим којшто никогаш не освоил трофеј и кој постои неколку години. Можеби сега пак ќе бидам „оној поранешен кошаркар“ којшто треска глупости затоа што му е досадно, ама АБА лигата е циркуз кој носи апсолутно ништо и домашната кошарка ја турка во провалија. Секој спортист и секоја спортска екипа би требала да биде наградена затоа што биле најдобри во таа година. Сега ќе видиме дали МЗТ и Борац Чачак ќе влезат во АБА или и тоа ќе се поништи. Циркуз!“, стои во реакцијата на Варда.

Варда во богатата кариера која ја почна во 1995 година играше за 20 клуба. Патот го донесе и во Македонија, каде го печалеше „кошаркарскиот леб“ во редовите на Кожув, за кого играше во 2015 година. Кариерата ја заврши во 2017 година како член на Динамик.