АБА2: Група по мерка за МЗТ, тешки ривали за Пелистер и Работнички

Челниците на АБА2 лигата ја одржаа ждрепката за групната фаза на новата сезона која ќе се игра во изменет формат. Наместо како досега со лигашки и плеј-оф дел, сега ќе се игра групна фаза со четири конкуренции. Македонските претставници МЗТ Скопје, Пелистер и Работнички ги дознаа ривалите во оваа фаза. 

Бидејќи беа во првиот шешир „штрковите“ добија група по мерка и ќе се судрат со Хелиос, Цедевита Јуниор и аутсајдерот Теодо Тиват. Работнички влета во Б конкуренцијата со Војводина, Сутјеска и Босна, додека Пелистер ќе игра во групата Ц против Подгорица, Широки и Вршац

  • Групи во првиот дел од сезоната на АБА-2 лигата:

Група А: МЗТ Скопје, Хелиос, Цедевита Јуниор, Теодо Тиват
Група Б: Војводина, Сутјеска, Работнички, Босна
Група Ц: Подгорица, Широки, Пелистер, Вршац
Група Д: Златибор, Борац Бања Лука, Шибенка, Илирија

Новата сезона на АБА2 лигата нема да има „балони“ како досега. Првата фаза ќе биде натпреварување по групи со натпревари дома-гости. 

По две екипи од групите ќе се пласираат меѓу осумте најдобри, а тие потоа формираат нови две групи со по четири тима. Во нив одново двете најдобри екипи ќе изборат место во полуфиналето. Плеј-оф фазата, односно полуфинале и финале ќе се игра до две победи.