60 години МЗТ Скопје: Традицијата е голема, а гладот за трофеи останува ист! (ФОТО)

Актуелниот македонски кошаркарски шампион, МЗТ Скопје, ја прослави 60-годишнината од основањето на клубот, со пригодна церемонија за време на натпреварот против Пелистер во Суперлигата. 

„Металците“ остварија нова победа против ривалот од Битола (87-73), а на полувремето на паркетот се најдоа дел од најголемите легенди на клубот, меѓу кои беа кошаркарите Влатко Владичевски, Ѓорѓи Чековски, Гоце Талевски, Борис Нешовиќ, Борче Домлевски, Игор Пенов, Огнен Стојановски, Димче Гаштарски и Младен Ѓуроски. 

Присуството го збогатија и поранешните тренери Александар Књазев, Митко Луковски, Александар Домлевски и Александар Јончевски, а тука беа и екс-директорите на клубот - Видоја Секуловски и Сашо Босилков. 

Сите присутни беа пречекани од актуелниот директор Филип Ѓоревски, а потоа добија и громогласен аплауз од публиката во спортскиот комплекс „Јане Сандански“.

Заедно се сложија дека МЗТ Скопје прерасна во најголем бренд на мак-баскетот, со надеж за уште поголеми успеси и освојување на нови трофеи кои само дополнително ќе ги збогатат и онака полните клупски витрини.