17-годишен Словенец тргна по стапките на Лука Дончиќ

Екипата на Реал Мадрид иако десеткувана, без седум првотимци, успеа да победи со ЦСКА Москва (71-65) во рамки на Евролигата, а на овој натпревар во фокусот се најдоа неколкуте тинејџери кои ги имаа првите сениорски минути.

Таварес, Фернандез, Вилијамс-Гос, Љуљ и Тејлор беа единствените играчи од првиот тим кои играа за „кралевите“. Другите беа младинци, сите од вториот тим, а еден од тинејџерите кои импресионира беше словенечкиот кошаркар Урбан Клавжар.

Плејмејкерот дебитира во Евролигата на 17 години, шест месеци и 27 дена. На теренот мина вкупно 23 минути, а имаше голем удел во победата затоа што токму тој беше креатор на серијата која донесе победа. Натпреварот Клавжар го заврши со 10 поени (2/3 за три) и еден скок.

Клавжар стана седмиот најмлад играч кој во Евролигата дошол до двоцифрен број на поени. Многумина го споредуваат со Лука Дончиќ и за него се најавува блескава кошаркарска иднина.