• Мартин Танасковски
Светското првенство (СП) дојде до четвртфиналната фаза. Четири елиминациски натпревари следат на програмата, а шест од осум учесници во оваа рунда доаѓаат од Европа. Еден од нив е од Јужна Америка, бранителот на круната Аргентина, еден е од Африка, тоа е Мароко.
Анализа за она што ни следува, како и она кое го оставивме зад нас во претходната фаза, направи македонската фудбалска легенда Александар Васоски. Поранешниот репрезентативец, а сегашен тренер на Силекс, говореше за елиминацијата на Бразил која го изненади, но имаше пофалби за Норвешка како колектив.
„Секако имаше атрактивни натпревари зад нас, меѓутоа како што поминува време на СП, така и притисокот е поголем кај екипите, па така пред нас ни следи четвртфинале во кое очекувам натпревари на резултат. Досега она што го видовме ги оправда очекувањата. Елиминацијата на Бразил можеби од сите е најизненадувачка затоа што беа во топ-3 фаворити, ама Норвешка се покажак као и на претходните мечеви дека знае да игра фудбал посебно во напад и на чело со Халанд дека може секого да го победи“, изјави Васоски.
Тој ја прокоментира и елиминацијата на Португалија на чело со Кристијано Роналдо, која во самиот финиш загуби од Шпанија. Многумина од светските медиуми го посочија токму Роналдо како товар на екипата, со оглед на неговите години и фактот дека е далеку од најдобрата форма.
„Факт е дека Роналдо беше голем товар на Португалија. Егото беше преголемо и по мене тука го гледам како виновник и селекторот кој мораше да пресече, се виде колку тоа беше на негова штета, затоа што 41 годишен да игра 90 минути на такво темпо против Шпанија за мене е нелогично, а на клупа оставаш играч кој претходно ја реши Хрватска. Мислам дека ќе беше многу реално да почне од почеток тој на местото на Роналдо, но што е тука е и греота е што една таква блескава кариера завршува на неславен начин, без посакувано Светско првенство“, додава тој.
Момент на дискусија беше и арбитражата на мечот меѓу Аргентина и Египет. Африканците имаа водство од 0-2, но го прокоцкаа и доживеаја елиминација од актуелниот светски првак предводен од Лионел Меси со три примени гола во краток временски интервал.
„Она што се случи на мечот може да го оценам како 50/50. Можеби имаше некакви елементи на фаул при клучниот момент, но тоа е судиско убедување. Судијата одлучи да не го даде фаулот, но мора да се потенцира дека не смееше Египет да си дозволи да не го затвори мечот во своја корист при предност од 2-0. Да примиш три гола во 15 минути е недозволиво за Светско првенство и таков тип на натпревар, така што вината е кај нив пред се.“, истакна Васоски.
Норвежаните се хитот на шампионатот. Како Васоски гледа на „викинзите“ и кои се нивните шанси во мечевите кои следат?
„Сега следи клучен меч за Норвешка со Англија. Ако го елиминирате Бразил секако дека имате капацитет и потенцијал да се победи и Англија. Ако влезе Норвешка во полуфинале, тогаш се е можно до крајот. Зошто да нема еден таков тим кој не се сметаше за фаворит од сенка да направи успех? Халанд е најдобар шпиц во светот, меѓутоа тука е и Одегард, има и други играчи кои по мене тимски се покажуваат. Халанд го исфрла тимот на површина, играат одлично Норвежаните, знаат што сакаат и се доста спремна екипа“, вели стратегот.
За крај, Васоски ги најави четвртфиналните натпревари кои стартуваат од денес.
„Франција - Мароко ќе биде натпревар кој ќе биде доста тежок. Впрочем, секој меч во четвртфиналето ќе биде тежок. Како што проаѓа времето се работи за фаза во која нема многу простор за калкулации. Заради широкиот ростер и потенцијал во нападот, тука давам предност на Франција.
Следен дуел е Шпанија - Белгија за кој исто очекувам тесен меч, но давам предност на начинот на игра која го игра Шпанија, на нивниот систем и кратки додавања кој го има тимот на Де Ла Фуенте.
Кај Норвешка - Англија се е можно, блага предност давам на Англија затоа што имаат на секоја позиција врвен играч, поготово во офанзивниот дел, тоа се светска класа на играчи.
Околу Аргентина - Швајцарија, Аргентина не покажа убедлива игра во елиминациската фаза, но Швајцарците прашање е дали ќе имаат сила да го надополнат тоа заради тешкиот меч со Колумбија, така што и тука шансите според мене се 50/50.“, заврши Васоски.
Четвртфиналната фаза на СП 2026 започнува од 22:00 часот, со дуелот меѓу селекциите на Франција и Мароко.