Васоски: Германија нема селектор и „сенатори“, Хрватска е во предност со Португалија!

Светското првенство (СП) во САД, Канада и Мексико ја започна највозбудливата фаза, тоа е елиминациската. 1/16-финалните натпревари започнаа со две изненадувања, тоа се елиминации на европските велесили Германија и Холандија од Парагвај и Мароко.

Gol.mk поразговара со македонската фудбалска легенда Александар Васоски за текот на првенството и како тој е задоволен од она што го гледа, како и што прогнозира за иднината на шампионатот. Како човек кој остави голема фудбалска трага во Германија, започнавме со сензацијата на вечерта, елиминацијата на „панцерите“ по изведување на пенали од Парагвај.

„Германија сигурно дека е најголемото разочарување, веќе во континуитет никако да направи еден добар резултат по 2014 година. По мене, немаат добар селектор во моментов, се работи за млад тренер, кој не може да ги вокомпонира добро играчите со кои располага. Читам и следам и коментари на медиумите и на фановите од Германија, нацијата е во шок, никој не очекуваше да испаднеш од Парагвај. Да испаднеа од Франција, од Шпанија, од Аргентина, Бразил или некој сличен, ќе беше поинаку. Вака, од Парагвај, без ниту еден играч со запазена улога во Европа е шокантно. Има проблем Германија, не поминаа и минатиот пат групна фаза со Ханси Флик, ако сега им се повтореше тоа ќе беше рамно на катастрофа. Но и ова е лошо. Поразот од Еквадор го запали алармот, требаше да бидат сфатени сериозно многу работи. Никако не смееше да се дозволи да се дојде до пенали со Парагвај. Германија промени три селектори во последно време, очигледно е дека нема достојни играчи да ги заменат имиња „сенатори“ како Клосе, како Швајнштајгер, како Лам, со еден збор лидери“, изјави Васоски.

Еден од неговите фаворити, репрезентацијата на Холандија, испадна од турнирот исто така по пенали од Мароко. За Бразил вели дека добил доста добар натпревар, со притисок до самиот крај.

„Холандија ме изненади што испадна, по групната фаза ми беше меѓу најголемите три фаворити. Имаше добар настап, но со Мароко застана. Ама овој резултат може да се каже дека не е неслучаен, сепак, не смееме да заборавиме дека Мароканците имаа добар настап на Светското првенство во 2022 година и стигнаа далеку. Можевме да видиме изненадување и на Бразил - Јапонија, но уште еднаш искуството на Бразилците исплива на површина и се виде дека имаат тим со добар селектор. Играа до крајот и победија пред екстра-времето. Во вакви мечеви ризик е да одиш на продолженија, тоа на своја кожа го почувствува Германија“, додаде тој.

На денешната програма се три возбудливи пресметки, а фокусот е на дуелите Франција - Шведска и Норвешка - Брег на Слонова Коска. Третиот дуел го играат Мексико и Еквадор.

„Франција - Шведска ќе биде доста незгоден меч. Не смееме да ги отпишеме Швеѓаните, имаат свој стил на игра, плус, како што кажав еден натпревар е. Да има реванш можеби ќе беше и поинаку. Ама вака, ако ти тргне во непосакуван правец мечот во првите 15 минути, работата се отежнува двојно. Исто така и Норвешка - БСК очекувам да биде добар дуел. Африканските репрезентации се покажаа доста добро на овој шампионат. Се намали оној јаз меѓу поголемите и помалите имиња во фудбалот. Дефанзивата е поваклитетна, се игра во низок блок кој е тешко да се пробие“, прокоментира Васоски.

Во деновите кои следат, доаѓаат и другите нокаут-мечеви од 1/16-финалето. За нашето поднебје, фокусот е на мечевите Португалија - Хрватска и БиХ - САД. Аргентина е светски шампион, игра со дебитантот Капо Верде кој оствари историски успех.

„Сите мечеви ќе бидат тешки, би требало Аргентина да помине со Капо Верде, а се останато очекувам да е неизвесно. За Португалија - Хрватска, шансите ги давам 50/50. Ако Хрватите играат како до сега и ако се во Португалија се насочи кон Роналдо, тогаш очекувам да победи Хрватска. Според мене, Роналдо треба да игра пола час на крајот од мечот. Но, тука гледаат да му угодат да руши рекорди, па затоа би рекол за мене благ фаворит е Хрватска. Околу мечот БиХ - САД, малку Американците ги потценуваат Босанците во изјавите и најавите. Адут им е што имаат домашен терен, начин на игра кој е доста добар со Покетино. Очекувам Босна да биде дисциплинирана и да чека своја шанса преку. Тоа што ме изненади кај Босанците на овој шампионат е што по водство од 2-0 со Катар паднаа физички и му се даде шанса на противникот да дојде во можност за 2-2. Ако се случи тоа со посилна селекција, може да загубат убедливо. Но, да почекаме да видиме што ќе биде“, заврши Васоски.

Мундијалот за првпат се игра во проширен формат, а шампионската титула освоена од 2022 година во Катар ја брани репрезентацијата на Аргентина.