• Саше Љолес
Македонската фудбалска легенда и актуелен тренер на Силекс, Александар Васоски, ги прокоментира четвртфиналните средби на Светското првенство и даде свое мислење за очекувањата во двата мега-полуфинални дуели.
Васоски смета дека фаворитите ја оправдале својата улога во четвртфиналната фаза, а во полуфиналето очекува маестрален фудбал и вистинско тактичко надмудрување помеѓу ривалите.
„Четвртфиналето го донесе тоа што веројатно сите го очекувавме. Видовме дека фаворитите успеаја да минат во следната фаза, а во полуфиналето очекувам голема битка и борба до последен здив за пласман во големото финале.
Според македонскиот стратег „Гордиот Албион“ е благ фаворит во пресметката со светскиот шампион.
Морам да признаам, Аргентина повторно остави впечаток дека на моменти малку се мачи со противниците. Екипата на Меси двапати се „провлече“ низ дополнителното време, додека Англија не воодушеви со играта против Норвешка, но мислам дека има за нијанса поквалитетен ростер од Аргентинците.
Тимот на Томас Тухел располага со силни оружја на повеќе позиции, а нападот им е поразноврсен и поорганизиран. Англија има повеќе офанзивни оружја, додека Аргентина најмногу ја потпира својата игра преку Лионел Меси. Очекувам добро издание од Гордон, Белингем, Кејн, Мадуеке, но и од останатите играчи. Ако треба да прогнозирам, би рекол дека Англија има 55% шанси за пласман во финалето.
Некогашниот стопер смета дека Франција е моќна на сите позиции и верува во победа над Шпанија.
Вториот дуел ни носи прекрасна европска пресметка помеѓу Франција и Шпанија. Шпанците имаат прилично интересен систем на игра со многу кратки додавања, но повеќе излегува на виделина индивидуалниот квалитет. За разлика од нив, Франција е моќна буквално на секоја позиција, а има и малку поискусна одбрана. „Триколорите“ се убедливо најсилен тим на турнирот, па затоа и ним би им дал малку поголема шанса за пласман во мечот за трофејот. Секако, нема да биде лесно. Не очекувам дека Франција веднаш ќе нападне. Ова е доцна фаза на турнирот, грешки не се дозволени и затоа мислам дека Дешамп ќе биде малку повнимателен кога се работи за офанзивата.
Васоски даде и своја прогноза за финалниот натпревар на 19 јули.
Ако даваме прогноза за финалето, да речеме дека ќе играат Франција и Англија, а трофејот ќе замине кај „галските петли“, заклучи Васоски.
Полуфиналните натпревари на Мундијалот се играат на 14 и 15 јули, во истиот термин од 21:00 часот по македонско време.
