Gol.mk на ЕП: Зошто вистинското Европско првенство почнува на 29 јуни?

Gol.mk на EURO 2024

Европско првенство со 24 репрезентации е благодет за номинално помалите репрезентации, како македонската. Сепак, од гледна точка на квалитет и квантитет нуди поинаква поширока слика од гледна точка на големите репрезентации. Претходно со првенство со 16 селекции само две од четири репрезентации од групите играа во осминафинале и секој натпревар беше многу важен. Дури и имаше случаи селекција со пет бода да не се пласира во осминафинеле. Сега, со „виза“ за осминафинале за четири од шест третопласирани репрезентации може да се продолжи понатаму со три бода, а по некои опции дури и со два!

Од оваа промена настана и промената на подготовка на големите селекции. Со мали исклучоци групната фаза е подготовка за Англија, Франција, Шпанија, Германија, Италија...Извесно е дека ќе ја минат групата и со еден добро одигран натпревар и штедење на силите во следните два. Тоа значи дека за овие селекции турнирот почнува на 29 јуни со осминафиналето. Од тој момент, па до финалето во Берлин следат четири натпревари во две и пол недели кои ќе го дадат новиот европски шампион. Откако се прошири првенството на Европа ниту еден гигант не го заврши настапот во групната фаза, што беше случај кога шампионатот броеше 16 репрезентации. 

Од овој вовед видливо е дека Англија и Франција играат за да се пласираат во следната фаза, а не за естетски впечаток. Ми оставија дискретна импресија и имам впечаток дека селекторите го бараат тимот. Саутгејт нема цврста идеја како ќе му изгледа одбраната, посебно ранлива е позицијата лев бек, а Александер Арнолд не одговори на позицијата во средниот ред. За овие две дилеми ќе има уште два теста, потоа од осминафиналето мора да е совршен англискиот тим ако сака титула. Во спротивно лесно може да испадне.

Франција делува постабилно во изборот на стартниот тим. Дешамп му верува на Канте и се покажа и зошто е тоа така. Фудбалерот за врска одигра беспрекорно, еден е од оние на кои не му недостига ритам и покрај тоа што игра во Саудиска Арабија. Мбапе како централен напаѓач не ми се допадна, иако Турам како партнер му отвора опции и за таква игра во системот 4-2-3-1.

Германија и Шпанија делуваа моќно, но играа со селекции од пониска класа (оваа Хрватска сигурно е пониска класа од врвните селекции), а Италија подобро ќе ја судиме по дуелот со Шпанија. Сепак, запаметете – за сите овие репрезентации групите се тестови како ќе изгледа тимот во елиминационата фаза. Вистинското Европско првенство почнува на 29 јуни.