Gol.mk на ЕП: Зошто најгрдиот германски дрес е најпродаваниот?

Gol.mk на EURO 2024

Ако посетите било која продавница на официјалниот производител на дресови во Германија можете да ги најдете сите дресови на сите селекции учесници на Европското првенство. Исклучок е само еден дрес!

Сигурно летово го забележавте вториот дрес на германската репрезентација, со розови мотиви, со кој момците на Нагелсман пред неколку дена играа во Штутгарт против Унгарија. Токму тој дрес единствено не можете да го купите, бидејќи е скоро распродаден! Се обидов да купам еден розов дрес на Германија (како подарок, мене воопшто не ми се допаѓа), но ми порачаа да ги чекам известувањата на социјалните мрежи кога ќе им пристигнат нови количини и да бидам експресно брз, бидејќи често се продаваат овие дресови. Не ми беше јасно како резервниот дрес на германската репрезентација се продава повеќе од било кој дрес на Европското првенство.

Причините се повеќе и се дел од стратегија на Германската фудбалска федерација и Адидас. Секогаш белиот дрес бил прва опција на Германците, а вториот се менувал. Црн, па дури и зелен бил опција во минатото, а сега втора опција е розовата. Стратегијата е шанса овој дрес да се продава како модел детаљ, а не само како навивачки реквизит. Така, розовиот дрес го носат и девојки, го носат во секоја комбинација, а не само кога игра националниот тим. Утре Германија игра против Швајцарија и првпат ќе го гледам натпреварот од фан-зоната на „Ветсфален парк“ во Дортмунд. Овој простор собира 25.000 луѓе и сите ќе навиваат за Германија. Со оглед на тоа што домашната селекција утре ќе игра во бели дресови, се очекува белата боја да доминира во фан-зоната. Но, розовата доминира во секојдневието, низ улиците, меѓу девојките...

Новото време нуди вакви опции за експерименти со дресовите, па дури и една Германија носи дрес кој нема врска со националните бои, но добро е прифатен и носи огромни средства. Ова првенство сигурно ќе се памети по розовиот дрес на Германија, посебно ако оваа селекција стигне далеку и почесто игра во овие бои.