Gol.mk на ЕП: Вечерa во Минхен, доручек во Келн, па ручек во Дортмунд...

Gol.mk на EURO 2024

За сите кои сакаат добар фудбал, а не навиваат премногу за едните или другите, воведниот натпревар на Европското првенство беше вистинско уживање. Моќно издание на Германија, пет постигнати гола, прекрасни потези и мајстории и овации од присутните на „Алијанц Арена“. Но, и Шкотланѓаните покажаа достоинство во поразот, пееја и навиваа како ништо да не се случило. Можеби свесно знаат дека нивните шанси се Унгарија и Швајцарија, а не Германија. Да се биде во живо во домот на големиот Баерн, со спектакуларна церемонија, емоционално пеење на химните од двете навивачки групи, па до шесте гола за сечиј вкус, беше неповторливо чувство.

Плус го запознав шкотскиот премиер, облечен како секој навивач со дресот на репрезентацијата и килт. Немаше големо обезбедување и беше срдечен кон сите. Некој поинаков политичар. Преку 100.000 шкотски фанови го „обоија“ Минхен, а стотици среќници другаруваа и со Сер Алекс Фергусон, баш меѓу луѓето на еден од најпознатите плоштади во Минхен. 

Но, денес е нов ден, а новиот ден носи и нов почеток. Дортмунд е мојата втора дестинација и веднаш двојна програма во Рурската област. Како што Чеферин веројатно ќе се обиде да гледа што е можно повеќе натпревари, така и секој друг љубител во Германија може максимално да ужива во фудбалот. Стадионите се прекрасни, конекциите меѓу градови одлични (и покрај доцнењето на возовите), па така не е чудо што оваа сабота ќе ја поделам на Унгарија – Швајцарија во Келн и Италија – Албанија во Дортмунд. А колумната ја пишувам во воз, некаде на излезот од Баварија накај Штутгарт. Не може да биде поидеално за фудбалските фанатици и оние кои сакаат да го почувствуваат првенството и на стадион, и на плоштад, и во паб...

Вечера во Минхен, доручек во Келн, па ручек во Дортмунд...