• Зоран Мишевски

Само три репрезентации не ги гледав во живо на ова Европско првенство: Хрватска, Чешка и Романија. Вчера за првпат се соочив со култот на холандската репрезентација и такво нешто не сум видел во животот. Преку 100.000 луѓе во работен ден, во туѓа земја да ја бодрат својата селекција и тоа среде умерени критики за играта под Куман и недостатокот на неколку важни фудбалери заради повреда.
„Лалињата“ се единствени, доаѓаат во огромни навивачки групи, цели семејства и имаат уникатен начин на навивање. Колоритот на дресот со портокалова боја, некои со имињата на Ван Бастен, Кројф, Нескенс, Бергамп, периките на Гулит, портокаловите чадни бомби, сопствени ди-џеи за наменска навивачка музика се само дел од декорот на големата фудбалска сила – Холандија.
Чувствувам како фудбалот да ѝ должи една голема победа, една голема титула на Холандија. Тројниот светски вицешампион имаше тројна несреќа да ги загуби финалињата, иако во сите беше подобар ривал, а двапати играше и со домашните селекции.
Ова Европско првенство беше атипично за Холанѓаните. Останаа без повредените Копмајнерс, Де Јонг и Де Рон, немаат врвен напаѓач, Фримпонг и Де Лихт се е само резерви, а Куман дефинитивно не е Ван Гал. Сепак, и од трето место во групата Холандија доби „џек-пот“ и дуели со Романија и Турција за влез во полуфиналето. За волја на вистината и против Англија во полуфиналето Холандија беше рамноправна и подобра, но нема победнички ген, па по којзнае кој пат губи во егал-меч. Ако ги имаа деталите и среќните околности како сојузник Холанѓаните сега ќе имаат 3-4-5 меѓународни трофеи повеќе. Вака го имаат трофејот на симпатијата и најдобрите навивачи во светот.