Gol.mk на ЕП: Скокнаа температурите, засвири шкотската гајда – Европското првенство може да почне!

Gol.mk на EURO 2024

Прво и најважно е што температурите во Германија одат нагоре, па наскоро ќе ги оставиме јакните и ќе уживаме во летото. Затоа што Европско првенство и лето одат заедно, а не одвоено. Деновиве во Минхен температурата падна и до 10-12 степени, па не беше пријатно за  туристите и навивачите, а посебно на оние десетици илјади кои синоќа го следеа концертот на Ед Ширан и Нели Фуртадо во фан-зоната.

Шкотланѓаните го наполнија Минхен. Неиграњето на последните големи натпреварувања ги направија „гладни“ и мотивирани. Такви се фудбалерите, такви се и навивачите. Колоритни, распеани и симпатични, шкотските фанови може да се забележат на сите култни места во Минхен – и преку ден и за време на вечерта и ноќта. Засвири шкотската гајда, а пивото на плоштадите почна да се пие уште во 08:00 изутрина. Нема дилеми дека ќе се слушнат гласно на „Алијанц Арена“, во обид нивните херои да ја изненадат Германија. Можеби баш како што ја изненадија Шпанија во квалификациите. Мектоминеј и Робертсон се најрепрезентативните членови, но моќта на оваа шкотска селекција е колективот и капацитетот за трчање.

Германија не е оаза на среќата и деновиве медиумите ја минимизираа тепачката на Рудигер и Фулкриг, за да создадат добра клима во националниот тим. Ќе може ли младиот Нагелсман, воден од „сенаторите“ Нојер, Крос и Милер, да го издржи притисокот и да креира шампионска група во рок еден месец? Ова е дилемата која ја имаат сите германски фанови. 

Утре на центарот ќе суди Французинот Турпан.