• Зоран Мишевски

Луис де ла Фуенте помалку неочекувано дојде до местото селектор на најдобрата шпанска репрезентација, по фијаското на Луис Енрике на Светското првенство во Катар. Една од најзбрканите селекции во последните неколку години започна со среќна победа на Лигата на нации во Холандија и комплетен рез за квалификациите и Европското првенство.
Секогаш кога репрезентацијата имала успех, составот го пополнувала Барселона, која во златната ера придонесе за две европски и една светска круна. Но, денес Шпанија има најмногу претставници од баскиските клубови, Атлетик Билбао и Реал Сосиедад, и скоро никогаш не игра со ист состав на два последователни натпревари. Многу позначаен податок е што новиот селектор доаѓа од У21 национален тим, каде имаше одлични резултати (една европска титула и едно второ место), но одигра многу променливи квалификации, во кои претрпе убедлив пораз во Глазгов.
Кога имате селектор кој доаѓа од У21 тимот, тој максимално им верува на тие фудбалери. Затоа не чуди прогресот на Нико Вилијамс, Фабиан Руиз, Ле Норманд, Кукуреља, па и Педри и Ламин Јамал, кои ја прескокнаа У21 скалата за место во првиот тим. На оваа група им се додадени искусните Мората, Родри, Карвахал и Унаи Симон и Шпанија состава перфектен микс.
Но, да внимаваме, бидејќи Шпанија е далеку од перфектна селекција. Ги надигра Хрватска и Италија, но не се соочи со противник кој силно ќе ја притисне неубедливата одбрана. Физичка селекција како Германија или Франција не му одговара на шпанскиот тим, бидејќи индивидуално Карвахал и Начо се преценети, Лапорт не е светска класа, а Ле Норманд е неискусен од големите приредби. Адут на Шпанците им е колективната одбрана и присуството на Родри како поддршка за одбранбениот ред.
Ако минат како првопласирани Германија и Шпанија може да се сретнат во четвртфиналето, што би било финале пред финалето и приказ дали Шпанија може да победи и физички и индивидуално поквалитетен ривал од себе.